Почетна | Новости | Министерството додели награди „Болница на годината“ за повеќе здравствени и финансиски аспекти

Министерството додели награди „Болница на годината“ за повеќе здравствени и финансиски аспекти

image

Од следната година ќе се формираат мултидисциплинарните тимови за континуирано подобрување на квалитетот на здравствените услуги

Министерството за здравство од годинава почна со нова традиција на доделување признанија „Болница на годината“ за успешно работење на неколку јавни здравствени установи од аспект на добро финансиско работење, за квалитетно и професионално лекување, за добри санитарно-хигиенски услови, за успешно применување на ДРГ стандардите и во други категории.
Министерот Османи во своето одбраќање до присутните истакна дека Минството за здравство, континуирано, преку целата година го следеше севкупното работење на сите јавно-здравствени установи, при тоа анализирајќи ги финансиските извештаи за наменско користење на средствата, долговите, обврските, висината на сопствените приходи, правилна пресметка на плати, реализација на годишните планови по вид и обем на здравствени услуги, како и квалитетот на работењето. Признанието „Болница на годината за добро финансиско работење, го доби Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ - Охрид.

Новиот начин на менаџирање на болниците создава простор за поавтономно правно, финансиско, административно и техничко  одлучување и капацитет. Со тоа, на болниците и на нивните менаџери им се овозможува да креираат сопствени одлуки, да ја зголемат мотивацијата за унапредување на својата работа, но и да бидат подложни на отчетност. На овој начин, акцентот на работењето на болниците е поставен на микро ниво, што е и тренд во многу европски земји. Имајќи ги предвид анализите за менаџирање во болниците во тек на оваа година, Признанието за најуспешен менаџерски тим им се додели на директорите од Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“.

Признанието „Болница на годината“ во однос на исполнување на годишниот план по вид и обем на здравствени услуги, како и наменското користење на финансиските средства и се додели на Специјалната болница по гинекологија и акушерство – Чаир

Првиот човек во здравството укажа дека со новиот систем на финансирање на болниците по методата на дијагностичко сродни групи се врши стандардизација на понудените и обезбедените здравствени услуги, за соодветно собирање на податоците за типот и обемот на извршените здравствени услуги, зголемување на ефикасноста на работењето и рационализација на трошоците. Системот на дијагностичко сродни групи ги поттикнува и наградува здравствените установи кои користат соодветни клинички постапки на лекување, имаат транспарентност во трошењето и достапност на податоците за извршената работа. Со воведување на овој систем, менаџерите во болниците треба да се стремат да ја зголемат ефикасноста, продуктивноста во јавно-здравствените институции и да обезбедат поквалитетни здравствени услуги на осигурените лица.

Врз основа на анализите на податоците од груперот за периодот јануари – ноември, односно врз основа на направените анализи на податоците за трите квартали од 2009 година, со кои се опфатени 15 општи болници, 26 клиники, 9 специјални болници и 6 останати јавни здравствени установи, Признанието „Болница на годината“ за најголем број евидентирани ДРГ случаи го доби Универзитетската Клиника – Тетово.

Во однос на кодирањето на ДРГ шифри на национално ниво, од вкупно 665, во Р. Македонија се евидентираат 623 ДРГ шифри. Како најуспешна болница,односно најобучен кадар за начинот и точноста на пополнување на податоците од Груперот и подобрување на работењето на самиот систем за групирање, што ќе придонесе во иднина да се добијат подобри, поточни и поквалитетни податоци, односно „Болница на годината“ со најголем број точни кодови се прогласи Универзитетската клиника за кардиологија-Скопје.

Во оваа прилика беше укажано дека - Квалитетот во работењето е врвен критериум  и императив во нашата работа. Имајќи ги предвид редовните и вонредните контроли на јавните здравствени установи од  страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерството за здравство, кој вршеше надзор за општата хигиена, интрахоспиталните инфекции, извршените акции за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, складирањето на медицинскиот отпад, права на пациенти, како и бројот на решени претставки од пациентите - Признанието „Болница на годината од санитарно-хигиенски и здравствен аспект го доби Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје.

Признанието „Болница на годината“ за финансирање проекти со сопствени средства го доби Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Скопје.  Во следната категорија е институцијата која успешно се справува со предизвиците со кои се соочуваме со реалната закана од појавата на пандемискиот грип А Х1Н1 и кои се надминуваат со  големото чувство на одговорност и ентузијазам вградени во духот и размислувањето на секој здравствен работник. 

Титулата „Болница на годината“ за професионално залагање, стручност и хуманост ја доби Универзитетската клиника за инфективни и фебрилни болести-Скопје.

Министерот Османи му предаде благодарница на Институтот за јавно здравје, за исклучителното залагање на одделот за вирусологија, за нивното напорно работење и навременост при добивањето на резултатите од лабораториските анализи и брисеви за детектирање на новиот тип на грип.

- Овие признанија од Министерството за здравство претставуваат поттик до јавните здравствени установи за подбро финансиско работење и реализација на стратегиите за подобрување на квалитетот на здравствени услуги. На вас останува како овие стратегии ќе се имплементираат во практиката, што ви дава клучна одговорност во здравствениот систем. Затоа, уште еднаш ви укажуваме на потребата од вашиот менаџерски ентузијазам и искуство со кој ќе овозможите Вашите пациенти да го уживаат подобрувањето на квалитетот на здравствени услуги, за кои ние и вие неуморно  се стремиме и залагаме - истакна на крајот министерот за здравство, д-р Бујар Османи.

  • email Email на пријател
  • print Принт верзија
  • Plain text Само текст
Најава